Францускиот сатиричен неделник „Шарли Хебдо“ со текст на авторот Жан-Ив Ками се осврнува на случувањата околу земјава, за која се наведува дека се бори за влез во Европската Унија, а „вината за нејзините маки“ треба да се бара кај нејзините соседи, кои се растргнати поради идентитетот на државата.
„Да се дојде во Скопје во јуни 2022 година значи да се посети главен град чии жители го сметаат официјалното име на нивната земја за историска навреда. Официјално, ние сме во Северна Македонија, име наметнато од Европа и меѓународната заедница по договорот потпишан во 2019 година за ставање крај на спорот меѓу Скопје и Атина. Меѓутоа, жителите, барем Словените од православна вероисповед, не попуштаат: тие се Македонци и живеат во Македонија. Ниту од север, ниту од југ: во Македонија и тие се народ, со свој јазик и своја историја, која датира од славната антика“, наведува неделникот.
Потоа, авторот пишува:
„Но, соседните Грција и Бугарија го оспоруваат поимот за посебен македонски идентитет, како последица на што Северна Македонија, која е кандидат за влез во Европската Унија од 2004 година, дури во 2020 година доби зелено светло од Европскиот совет за почеток на пристапните преговори. Но, има уште долг пат да се помине, а вината за тоа е во идеолошкото зло на Балканот: „антиквизацијата“ или потрагата по легитимитет со повикување на исчезнатите империи за да се консолидира процесот на национално формирање што сè уште не е завршен“.
Според „Шарли Ебдо“, Македонците тврдат дека се потомци на Кралството на Филип Втори и неговиот син Александар Македонски од околу 400 и 300 година пред новата ера.
„Славни корени откако првиот ги победи Атина и Теба, а вториот ја прошири својата моќ до Индија. Македонското национално движење, родено на крајот на 19-от век за да се ослободи од Османлиите, пледира на континуитет помеѓу ова минато и денешницата. Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) ја продолжи борбата против Кралството Србија. Тито, кој стана претседател на Југославија, го елиминираше движењето, но го консолидираше македонскиот идентитет: за да има југословенска федерација, требаше да се обединат многу националности!“, додава весникот.
Но, според неделникот, во Атина, како и во Софија, приказната е поинаква.
– Грците остануваат убедени дека Македонците се Грци и дека „вистинската Македонија“ е регионот на Солун. Компромисот за терминот „Северна Македонија“ ги задоволи и веќе не го кочат пристапот на Скопје во Европската Унија. Бугарите, кои мислат дека Македонците се Бугари, сега ја презедоа палката: Владата во Софија ги блокира преговорите, додека надреална мешана комисија од експерти не го натера Скопје да го признае „бугаризмот“ на земјата“, нагласува „Шарли Ебдо“.