Шанса за живот

Господине Мицкоски, нели додека бевте во опозиција, секојдневно татневте од Белата палата дека најтешко болните пациенти се оставени без лекови и дека штом ќе се преселите на Илинденска, веднаш ќе најдете решение на проблемот. И тоа одржавте куп прес-конференции благодарение на текстовите на „Фокус“. И еве веќе седум месеци сте на Илинденска, но Онкологија не е мрдната од почетна точка. Решение никакво, пари нема, лекови нема, а болните ја живеат трагедијата, која секојдневно им ја сервира државата. До кога вака, до кога државата ќе одлучува кој до кога ќе живее? Се скапавте од сечење црвени ленти, удирање камен-темелници, удирање лопати... Веќе не можам ни да пофатам кој каде сече црвена лента. Дај бе луѓе, бидете разумни. Зар не сфаќате дека скопска Онкологија е во тотален колапс, дека болните умираат секојдневно, дека стана Клиника на смртта.

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 Куршум не го фати, но затоа пак заврши зад решетки“. Вака некако во моментов се одвива сценариото на филмот за Раде Трајковски-Штекли, популарната фаца, кој пред неколку дена беше уапсен за трговија со дрога во близина на хотел во Гевгелија. Неговата екипа, пак, беше прибрана од скопски Аеродром. Сабота, ден за апсења.

Трајковски, како мачка со девет животи, во 2024 година преживеа три обиди за убиство, од кои два во трговскиот Ист гејт и еден во неговиот дом. И, како по традиција, пак некој ја проби акцијата, и тоа началник, кој оддавал информации за нарко-клановите. Нели, кај нас не се знае веќе кој е газдата, кој е слугата. Кој доаѓа од МВР, кој со кого соработува, кој кого мести… Штекли заврши в затвор, па белки таму куршумите ќе го остават малку раат.

Тоа некако за викендот беше во центарот на вниманието, со оглед на тоа што сите во нашата држава се жедни за „крв“, па тоа им дојде како мелем на рана за да им за што да се зборува сабота и недела по скопските кафеани. Да се пополни времето додека се мези и пие.

Сепак, тука станува збор за криминал, кој и тоа како е важно да се решава, но тоа што е уште поважно, а за кој никој не мрдна со прст е смртта на двете близначиња од Прилеп, кои премрзнаа од студ. Барем, така говорат официјалните информации. Се исплетоа бројни приказни и на крај никој не е виновен, а животот на две новороденчиња згасна, уште не почнат.

Од болницата тврдат дека мајката барала да ги пуштат порано дома, што уште повеќе ја заплеткува приказната. Како може мајка да донесе таква одлука, ако лекарите процениле дека сѐ уште треба да бидат задржани во болница и дека не се во состојба да си одат дома. А, и дома што ги чека? Тажен и ладен дом, без основни услови за живот, со родители, кои веќе имале три деца.

Каде се тука социјалните служби, што им е работа? Каде се социјалните работници? Дали некој од институциите воопшто знаел во какви услови живее семејството, каква е психичката состојба на родителите, дали овие две бебиња ќе ја преживеат зимата во тој таканаречен дом? Како и секогаш, никој не е виновен. Тешко на тие што ќе си заминат.

Во гроб завршија две невини души, кои уште не го видоа светлото на денот, но затоа, пак, бргу ја запознаа темнината. Кој ќе одговара за тоа? Дали некој воопшто ќе понесе одговорност во оваа наша луда држава за два мали изгубени животи.

Жално и страшно е дека сето тоа стана нормално. Нормално е да се умира во 21 век од глад и од премрзнатост! Социјалните работници се кријат зад шалтерите, но нивна работа е да излезат на терен и да решат макар еден ваков случај, а, од друга страна, со кое право мајка сама носи одлука да си ги земе бебињата од болница. Потфрлија и болницата и институциите. Но, како и сѐ кај нас, секое чудо за три дена. Како што често знаат да кажат старите, тешко на тие што ќе си отидат.

На морничавите теми во државава им нема крај. Па, тука повторно е скопска Онкологија и животот ставен на коцка. Чудна работа како за сѐ во државава ќе се најдат пари, само никако не се наоѓаат за најтешко болните пациенти, кои постепено ги убива подмолната болест. Во моментов, на клиниката недостигаат шест биолошки лекови, пациентите се советуваат да пијат витамини. А бе ајде.

Што ќе им помогнат витамините, да им го билдаат имунитетот. Како витамините ќе ги спасат од тешката болест, која внатрешно им ги разорува органите еден по еден. Секој ден е ден повеќе за овие луѓе.

Во нивните очи се гледа стравот кога ќе ја слушнат веста и ќе се соочат дека лекот во кој го гледаат спасот го нема на клиниката и не знаат кога воопшто ќе биде донесен. Денови и месеци поминати во страв и неизвесност, а најопасното може да се случи во меѓувреме.

Доволна им е само психичката болка дека ја носиш болеста во себе, па уште и да ја водиш битката за лековите што живот значат, кои на некои можат да им го продолжат животот, а некои дури и да се спасат. Никој не смее да им го одземе правото на живот.

Социјалните мрежи веќе неколку дена вријат, но стравот за борба, па дури и борба за живот е поголем. Повеќето од нив сакаат да останат анонимни, а едни исти се постојано во очите на јавноста. Во ваков случај мора да се види единството и сите масовно да го побараат тоа што им следува. Живот или смрт. Работата е дојдена нож до коска.

Фондот за здравство мора да го одврзе ќесето, а владата да најде начин како да се реши проблемот со редовниот недостиг од биолошка терапија.

Господине Мицкоски, нели, додека бевте во опозиција, секојдневно татневте од Белата палата дека најтешко болните пациенти се оставени без лекови и дека штом ќе се преселите на Илинденска, веднаш ќе најдете решение за проблемот. И тоа одржавте куп прес-конференции благодарение на текстовите на „Фокус“.

И еве веќе седум месеци сте на Илинденска, но Онкологија не е мрдната од почетна точка. Решение никакво, пари нема, лекови нема, а болните ја живеат трагедијата, која секојдневно им ја сервира државата.

И до кога вака, до кога државата ќе одлучува кој до кога ќе живее?

Се скапавте од сечење црвени ленти, удирање камен-темелници, удирање лопати…

Веќе не можам ни да пофатам кој каде сече црвена лента. Дај бе, луѓе бидете разумни. Зар не сфаќате дека скопска Онкологија е во тотален колапс, дека болните умираат секојдневно, дека стана Клиника на смртта.

Дај, сменете ги веќе еднаш приоритетите. Животот на пациентите е на прво место. Зар ќе дозволите државата да ги умре. Оваа држава ни порано, ни сега нема никаков план. Си вртат пари само приватните болници.

Луѓето немаат избор, па земаат кредити за да преживеат или ги продаваат сопствените домови. Ќе се сврти ли некој да ја погледне маката на болните, кои, освен што немаат пари, го губат и животот. И „благодарение“ на кој? Благодарение на нашата држава.

Мислам дека веќе си станав сама на себе здодевна со темата. Но, дали некој знае како изгледа една борба за живот на онколошки пациент и на целото негово семејство? Не дај боже некој на своја кожа да ја почувствува таа мака. Морам пак да повторам, не бидете немилосрдни, обезбедете им ги лековите на болните. Не одземајте им ја шансата за живот.

И додека Македонија тоне во криминал и корупција, народот се соочува со едни исти проблеми, САД добија нов претседател. Доналд Трамп, по вторпат седна на претседателското столче и вети дека доаѓа новата златна доба за Америка. Главна вест во светот.

За Америка може, но не и за Македонија. Нас не нѐ спасува ни Мицкоски, ни свети Мицкоски, ни Филипче, ни свети Филипче… Колку и да сака човек да биде луциден, да биде понекогаш и ироничен, да ја покаже светлата страна, да ги пофали политиките. Не може. Сѐ е мрачно.

Поврзани новости