Поранешната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска, која ja предводи советничката листа на независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ на локалните избори во октомври, денеска ја претстави платформата со која од утре ќе собираат потписи.
„Во 2017 ни ветија работа на средување на урбаниот хаос и промена на незаконските детални урбанистички планови од 2012. Четири години подоцна, истите планови се на сила, а ветувањето што го даваа кога требаше да ги добијат гласовите на жителите на Центар, остана само ветување“, велат од „Шанса за Центар“.
Од оваа иницијатива велат дека се залагаат Центар да стане почиста и модерна општина со повисоки стандарди на урбаното живеење, наместо, како што истакнуваат, да биде само градежна зона и централен паркинг на Скопје.
„Ќе инсистираме идните планови да не се изработуваат зад затворени врати и во интерес на само малкумина. Плановите мора да бидат резултат на анализи, по мерка на жителите и со приоритет на заедничкиот пред личниот интерес. Тие мора да се спроведуваат правично и законски, еднакво за сите, без попусти за никого“, велат од „Шанса за Центар“.