Иницијативната „Шанса за Центар“ преку отворено писмо до премиерот и целата Влада на Македонија побара да се преземе одговорност по вчерашната трагична несреќа во која загина девојка од Радовиш.
„Почитувани премиер и министри на Владата на Република Северна Македонија, избраници на народот и градоначалничка на Град Скопје,бараме неодложно да се преземе одговорност и да се покаже политичка волја за што побрзо воспоставување на сообраќајна безбедност на патиштата низ државата, а особено на градските улици во Скопје. Очекуваме одговорност, зрелост и конструктивност, поради безбедноста на сите граѓани. Бараме најитно да се активира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот во Скопје. Истовремено, бараме решенијата за зголемување на безбедноста во сообраќајот да ги третираат најранливите и нивните потреби, а проектите за нови сообраќајници да ја имаат безбедноста како носечка компонента вклучувајќи инфраструктурни бариери и успорувачи на брзини.Активирањето на автоматскиот систем со камери ќе ја олесни работата на полицијата, ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и култура, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Со ова ќе се растерети и судскиот систем од администрирање на сообраќајни прекршоци кои во голем дел остануваат без епилог или казни кои не се спроведени“, велат од иницијативата.