Светскиот вицешампион во бодибилдинг и поранешен телохранител на Никола Груевски, Тоше Зафиров ја промовираше својата биографска книга. Книгата е дело на професорката Силвана Јорданова и се пишувала две години, а Зафиров во неа го открива својот животен пат, на скромно момче од Неготино, кое што чекор по чекор се искачило на врвот – на Македонија и донесе бројни титули во бодибилдингот.
,,Книгата „Патот кон врвот” е прва биографска книга за мене и е прва книга за спортист, воопшто, во Македонија, а се пишуваше две години. Во неа е опфатен мојот животен пат. Покрај приватниот тек, и мојот професионалниен развој како бодибилдер, во книгата се опфатени почетоците на бодибилдингот во Македонија, на светско ниво, многу мои диети за натпреварување, разни вежби за зголемување мускулната маса, за дефинирање мускули… Во книгата исто така е опишано влијанието на разни витамини и суплементи врз телото. Книгата „Патот кон врвот” е продолжение на документарниот филм посветен на мојот живот – „Никогаш не се откажувај” со цел уште повеќе да се промовира овој спорт и да се подигне свеста кај младите да практикуваат здрав начин на живот’’ – раскажува Тоше.
Тој додава дека додека се пишувала книгата, постојано бил во секојдневен контакт со професорката Јорданова, со цел подобро да се доловат сите негови спомени и случки кои што ги доживеал на патот кон успехот.
Познат во јавноста и како човек кој што три години беше дел од обезбедувањето на Никола Груевски, се до 2008 година, кога се повлече и целосно се посвети на вежбањето, Зафиров вели дека сепак за тој период од животот има податоци во книгата, и никаде директно не е спомнато името на Груевски.
,,Во книгата единствено е спомнато дека сум бил дел од обезбедувањето во шеста управа, но директно Никола не е спомнат. Сепак, професионалноста мора да се почитува’’- вели Зафиров.
Тој започнал да се занимава со бодибилдинг од својата шеснаесетта година. Со семејството живее во Скопје, каде што има своја теретана. И неговата сопруга Габриела веќе неколку години професионално е посветена на бодибилдингот и учествува на натпревари.
Книгата ,,Патот кон врвот’’ промотивно беше пуштена во продажба на саемот за книги, по промотивна цена од 400 денари.
Вики Клинчарова