Шампионот Стаменковски собира донации за да замине и ја претстави земјава на светско првенство во пауерлифтиг!

by Fokus

Веќе неколку недели отворена е сметка за донации на која се собираат средства со кои што нашиот и светски шампион во пауерлифтинг Бошко Стаменковски ќе може да замине на светскиот натпревар во Атланта, САД.

Сумата која што му е потребна на шампионот изнесува околу 5.500 евра, а до сега се собрале нешто помалку од 200 евра. Стаменковски ја добил поканата да се натпреварува на светскиот шампионат во пауерлифтинг во јули годинава. Истиот ќе се одржи во Атланта од 20-ти до 25-ти септември.

Тој на Македонија и има донесено низа на титули. Три пати прво место на светски шампионат, во 2015 година во Лас Вегас, во 2016 година во Србија со поставен нов светски рекорд до 67,5 килограми во категорија ветерани, во 2017 година во Чешка со поставен нов светски рекорд до 67,5 килограми во категорија ветерани.

Бошко исто така има освоено прво место на четири европски шампионaти, во 2015 година во Англија, во 2016 година во Финска, во 2018 година во Франција и во 2019 година во Словачка со поставен нов европски рекорд до 75 килограми во категорија ветерани. Ова не е прв пат тој по пат на донации да собира средства за да ја претставува земјата на првенство.

Во 2017 година на градскиот пазар во Македонска Каменица, од каде што потекнува, тој постави кутија за донации пред заминувањето на Европски натпревар во пауерлифтинг во Полска. Истата година поради немање доволно средства тој замина автостоп во Врање, соседна Србија, на натпревар од каде што се врати со злато. -Во државните институции традиционално постои еден лавиринт, во кој што речиси секој спортист се губи.

Во изминатиот период учествував на многу првенства, од сите се вратив со награди, а ми остана и кредит од 10.000 евра, кој што допрва треба да го отплаќам. Без позјамица, тешко дека ќе можев да учествувам на натпреварите ширум светот и Европа – ни изјави тогаш шампионот.

Бошко, кој е брат на Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица, не го крие своето разочарување од односот на институциите кон него. Во повеќе наврати тој јавно истакнува дека државата најчесто нема слух за него како за истакнат спортист, па поради тоа пред секое првенство мора да трча по спонзори и да бара донации за да ја претстави нашата земја.

 

Поврзани новости