Шамарање и силување на општеството

by Fokus

Сведоци сме на комплетна ерозија на животните, моралните и општествените вредности кои лагата и озборувањето ги одобруваат и воздигнуваат, вистината ја прогласуваат за ерес, простотилакот и невоспитаноста за кодекс на однесување, а знаењето и културата ги исмеваат, со воспитаноста и чесноста се подбиваат. Накарадноста и изопаченоста се денес на цена, а се што е нормално се исмева и маргинализира.

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Лавина од коментари и реакции во јавноста и на социјалните мрежи по емисијата на Лазаров во која гостуваше Латас.

Реагираше јавноста на изопачените морални вредности на едниот и реакцијата на другиот. Не стивнуваат реакциите на јавноста ни по неколку дена, дури ни по извинувањето на јутјуберот Лазаров.

Но, она што навистина загрижува и што се покажа во сета светлина токму преку оваа емисија е кои се денешните урбани ликови кои го градат јавното мислење и гостуваат по емисии, кои се моралните и животни вредности кои ги негува ова општество, каде е границата на дозволеното и недозволеното.

Сведоци сме на комплетна ерозија на животните, моралните и општествените вредности кои лагата и озборувањето ги одобруваат и воздигнуваат, вистината ја прогласуваат за ерес, простотилакот и невоспитаноста за кодекс на однесување, а знаењето и културата ги исмеваат, со воспитаноста и чесноста се подбиваат. Накарадноста и изопаченоста се денес на цена, а се што е нормално се исмева и маргинализира.

Бевме и се уште сме сведоци на простотилак, пцовки и колнења од говорницата во Собрание и налудничаво викање и навредување на спикерот на Собранието кога им се обраќа на пратениците. Секојдневните прес конференции или партиски соопштенија се состојат од известувања за неморалот, корупцијата или аферите на оние другите со никакви последици по оној кој евентуално краде или по оној кој евентуално клевети. Зборовите станаа небитни, во изреченото и кажаното вистината стана непожелна , а клеветата и навредите примарни.

Бевме сведоци и се уште сме сведоци на црните кампањи на партиите, во кои се е дозволено и нормално само за да се оцрни и исплука оној другиот затоа што на изборите не се бира веќе подобриот, туку помалку лошиот, помалото зло.

Омаловажувањата и простачкиот речник во политичкиот живот и на политичката сцена станаа начин на комуникација и однесување, а дел од јавноста тоа го одобруваше и доживуваше како успех коментирајќи со зборовите -а, виде ли како му кажа…

СВЕДОЦИ СМЕ НА КОМПЛЕТНА ЕРОЗИЈА НА МОРАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ

Дел од новинарите пак ваквото однесување го подржуваа и ставаа наслови – Тој и тој го уништи на дебата нарекувајќи го предавник….фашиста….

Ваквото однесување кое трае со години стана нормално и е присутно во секој сегмент на општественото живеење.
Ваквата некултура, простотилак и системот на изопачени морални вредности е секојдневниот и нормален начин на однесување во комуникација помеѓу луѓето, на шалтерите во банките или институциите, во маркетите…

На малите екрани се повеќе доминираат накарадни и изопачени ликови, кои го креираат јавното мислење и кои стануваат рол модел особено за младите. Рол модел стануваат ликови кои плукаат по традиционалните вредности, кои со својата изопаченост ги  промовираат сите негативни и неморални вредности, создавајќи од своите следбеници накази и морални кепеци какви што се и самите.

Општествена осуда, реакција на органите за прогон и последица за ваквото однесување отсуствуваа, па однесувањето, изопачените вредности и моралните накази станаа нормална појава и рол модел.

Уште во 2012 година еден професор по антропологија на Оксфорд започнал дебата со своите студенти околу тоа кои се моралните вредности кои го обединуваат човештвото и спровел истражување кое траело 7 години и било спроведено врз 60 различни етнографски групи.

Без оглед на различностите, луѓето низ целиот свет се соочуваат со одреден низ на социолошки проблеми и користат слични закони за да ги решат. Поради тоа, може да се заклучи  дека поголемиот дел имаат заеднички морален код кој според истражувањето изгледа вака.:помогни му на своето семејство, помогни му на своето општество, враќај ги услугите, биди храбар, почитувај ги авторитетите, користи ги ресурсите паметно и почитувај ја туѓата сопственост.

Она што се покажало како заедничко за сите групи и култури врз кои е спроведено истражувањето е почитувањето на семејството, довербата во оние кои припаѓаат на исто општество, лојалноста, враќање услуги,  искажување благодарност, каење за вина и решавање на конфликти без оружје и ненасилно решавање на проблемите.

Колку од наведените вредности ние почитуваме како општество со изопачени вредности и мерила,  можете и самите да заклучите. Општество како нашето во кое семејството не е веќе основна клетка, во кое не постојат авторитети, во кое криминалците и изопачените се херои и идоли, општество во кое политичарите се описменуваат и збогатуваат откако ќе дојдат на власт, во кое законот не важи еднакво за сите , во кое се промовира недопирливоста, непотизмот и корупцијата тешко да може да биде општество со вистински вредности. ж

Во едно такво општество секогаш ќе виреат криминалци, простаци, итроманци, насилници, политиканти, а силувачите ќе шамараат и силуваат и жени и општеството и моралот и културата и се што ќе им дојде под дланка….

Поврзани новости