Шаќири за „Фокус“: Намерата за разрешувањето е јасна, ќе се видиме на суд

Таа во изјава за „Фокус“ тврди дека денешното разрешување било изненадување за неа, со оглед на тоа што не направила ништо незаконски за време на нејзиното раководење со Театарот.

by Fokus

Нора Шаќири денеска беше разрешена од директорското столче во Театар Комедија, каде што управуваше само неколку месеци, поточно, од февруари годинава.

Таа во изјава за „Фокус“ тврди дека денешното разрешување било изненадување за неа, со оглед на тоа што не направила ништо незаконски за време на нејзиното раководење со Театарот.

„Дисциплинска комисија поднесува пријава за вработен, техничко лице кој три дена не е дојден на работа, без претходна најава и без образложение. За да не добие отказ, добива 6 месеци по 30% од плата.  Во меѓувреме, до Љупчо Николовски сттигнува анонимна пријава за мобинг од друго лице, кое јас го знам, но не е важно неговото име. Како што знам, пријава прво се поднесува во институцијата, а такво нешто нема стигнато во Театар.  За тоа дојде Трудов инспекторат, кој вон записникот јасно нагласи дека нема основа да изрече инсепкциска мерка, тврди Шаќири за „Фокус“.

Таа додава дека од трудовиот инспекторат навеле дека предметот ќе го пратат во ДКСК, а од таму досега до неа нема ништо пристигнато.

„Експресно сум разрешена.  Инаку,во времето додека бев директор го вратив долгот на театарот од скоро 9.000.000 денари, потоа продолжи репертоарот, дадовме две премиери, трета на пат. Исто така, организиравме два фестивали и учествуваме на неколку други.  Потпишав и Меморандум за соработка со еден од најголемите театри во Киев. Намерата е јасна и ова ќе добие и судска нота“вели Шаќири.

Додека таа тврди дека професионално си ја извршувала работата, од министерството за култура денеска за  „Фокус“ образложија зошто в.д. директорката е разрешена.

Според нив, Шаќири водела и завршила дисциплинска постапка против вработени во време на изборен процес.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, донесе одлука за престанок на мандатот на в.д. директорката на НУ Театар Комедија-Скопје, Нора Шаќири Марковиќ, по добиениот Извештај од Државниот инспекторат за труд.

Во Извештајот е констатирано дека раководното лице презело активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алиниеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место. Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес, велат од Министерството.

Веднаш по разрешувањето на Шаќири, на нејзино место експресно е назначена Магдалена Ризова Черних. која и е вработена во театарот.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости