Шаќири: Техничка грешка е дека збирот на аглите во еден триаголник е 190 степени

by Fokus

Министерството за образование и наука побарало од авторите на учебникот по математика за шесто одделение да достават забелешка за грешката што ја има во една задача по геометрија, а за која изминатите денови имаше реакција од професорка по математика.

„Што се однесува за таа забелешка, во однос на предметот математика за шесто одделение, техничката грешка е на почитуваните автори. Има и неколку решенија странично од задачата. Јас побарав официјално забелешка бидејќи се работи за универзитетски професори. Кога тие ќе го достават својот став за техничката грешка, веднаш ќе го изнесеме одговорот до јавноста и до наставниците“ – изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Според него, и претходните години во учебниците по математика имало по некоја грешка.

„Има една изрека дека и на најдобриот математичар студентот му има најдено грешка во учебникот“ – рече тој.

Шаќири вели дека побарал да бидат повнимателни со учебниците и најави дека кога ќе го добие одговорот од нив ќе ја извести јавноста.

Грешката во задачата по геометрија, која се наоѓа на 162. страница во учебникот за шесто одделение, ја објави Фросина Митрушева, професорка по математика од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“.

Таа во објава на својот фејсбук-профил вели дека збирот на сите агли во секој триаголник е 180 степени, а не како што може да се види во задачата, дека тоа е 190 степени.

 

Поврзани новости