Министерството за образование и наука ги разгледува сите можности, во тек се постапки и од 1 септември сите ученици во основно и средно образование ќе имаат учебници, соопшти ресорниот министер Јетон Шаќири.
Пред учеството на трибина во Струга, која е дел од кампањата „Учи паметно, работи стручно“, одговарајќи на новинарско прашање за немањето учебници по стручни предмети во средното образование, Шаќири рече дека учениците ќе продолжат да учат како и досега, бидејќи според законските процедури потребни се најмалку три месеци за одобрување на одреден учебник.
– Педагошката служба има доставено извештај за сите учебници од основно и средно образование. Ќе се разгледаат сите можности за децата од 1 септември да имаат учебници за тие предмети за кои досега се завршени повиците. За оние предмети за кои нема, ќе распишеме повик. Тоа се законски постапки кои треба да се отворат и потребно е минимум три месеци да завршат, изјави Шаќири.