Mинистерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција рече дека новите закони за средно образование и за стручно образование и обука, обезбедуваат повеќе права и можности за учениците, за наставниците, стручните соработници и воопшто за граѓаните.
Новиот закон за средно образование ќе овозможи развој на клучните компетенции и вештини кај младите, со особен фокус на дигиталните кои се неопходни за понатамошното образување и вработување, објасни министерот Шаќири.
„За првпат ќе се воведе кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование. Особено важно е што се овозможува ученичко организирање и учество во носење одлуки кои ги засегаат учениците, а кое досега недостасуваше“, додаде министерот.
По однос на новиот Закон за стручно образование и обука, Шаќири рече дека со истиот се регулира концептот на дуално образование за чија надградба и проширување, министерството се заложува повеќе години наназад, затоа што, како што нагласи, истиот е позитивна пракса од развиените европски земји, а ефектот е веќе видлив и во државава.
„Законот го зголемува обемот на практичното образование во средните стручни училишта, а тоа значи фокус повеќе кон стекнување на практични и применливи вештини преку учење директно на работно место во компанија, за сметка на намалување на теоретската настава во училниците. Така целиот образовен процес за учениците од стручните училишта станува поинтересен и поквалитетен, а тоа ќе значи привлекување на уште поголем број млади во иднина да го одбираат овој тип на образование, со краен ефект – намалување на дефицитот од квалитетен стручен кадар на пазарот на трудот“, додаде министерот.