Шаќири: Поголем дел од учебниците ќе ги има на 1 септември

by Fokus

Сите учебници за прво, второ, четврто, петто, седмо, осмо и деветто одделение и поголем дел од учебниците за трето и шесто одделение ќе бидат доставени во училиштата до 1 септември. И во средното образование, по подолг период, ќе имаме достава на учебници на првиот училишен ден, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

За трето и шесто се изработуваат нови учебници согласно новите наставни програми од Бирото за развој на образованието и поради тоа се очекува доцнење на некои од нив.

„Поголем дел од учебниците од трето одделение, по три предмети, ќе се достават на 1 септември. Само за еден предмет, за кој чекаме одобрување т.е. последно мислење од рецензентската комисија, ќе биде на почетокот на септември, но не можам да кажам точен датум. За шесто одделение денеска во Националната комисија се одобрени дел од учебниците и за нив ќе направиме максимум за да стигнат на почетокот на учебната година“, изјави Шаќири на ТВ Сител.

Тој додаде дека доцнењето нема да биде како минатата учебна година која, рече, „не беше лесна“ зашто имало нови наставни програми за четири одделенија. Оваа ќе биде поразлична учебна година бидејќи МОН, нагласи Шаќири, се подготвува од почетокот на оваа календарска година. Новите програми од БРО се доставени во декември 2022 за трето и во април 2023 за шесто одделение.

„Најголемиот дел веќе се одобрени. Ова не беше истата позиција од претходната учебна година кога програмите беа доставени подоцна во МОН“, рече Шаќири и додаде дека се одобрени и над 130 наслови во стручното образование.

Во однос на рокот што му е даден на МОН од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за десет дена да ги обезбеди сите учебници поради пријава за продолжена системска дискриминација за доцнењето од минатата учебна година, Шаќири рече дека имал состанок со претседателката на Комисијата и доставиле допис за постапките на МОН и чекорите што ги презело лани за обезбедување на учебниците.

 

Поврзани новости