509
Швајцарскиот репрезентативец Џердан Шаќири, роден во Гњилане, може да го пропушти мечот против Црвена Ѕвезда во Белград во натпревар од групата „Ц“ од Лигата на шампионите.
Ливерпул размислува да го остави Шаќири во Англија за натпреварот во ноември, со цел да не ризикува потенцијална политичка тензија.
Се уште се свежи сеќавањата на прославата на Шаќири на голот против Србија (2:1) на Светското првенство во Русија, кога тој со рацете покажа албански орел. На истиот меч тој на своите копачки го имаше насликано и знамето на Косово, па затоа може да има многу притисок од повеќе од 50.000 фанови на стадионот „Рајко Митиќ“.
Тоа е причината зошто клубот од „Енфилд“ е многу внимателен и сака да избегне каков било инцидент, иако Шаќири во моментов не е во прв план за менаџерот Јирген Клоп.
Британскиот печат потсетува на изјавата на извршниот директор на Црвена Ѕвезда, Звездан Терзиќ, кој сподели дека во случај на пристигнување на Шаќири во Белград, должност на клубот е сѐ да помине во ред, но верува дека 25-годишниот фудбалер ќе биде „речиси невидлив“.
Натпреварот меѓу Црвена Ѕвезда и Ливерпул се игра на 6 ноември во четвртото коло од Лигата на шампионите.