Откако прирачникот: Образование по животни вештини за средните училишта. вчера излезе на социјалните мрежи, а во текот на денот линкот беше повлечен од страницата на Бирото за развој на образованието, денеска министерот за образование Јетон Шаќири, запрашан за коментар, рече дека ќе побара од Бирото за развој на образованието да ги разгледа сите дополнителни содржини понудени од невладините организации.
– Јас не сум имал прилика да го разгледам, но ќе го побарам мислењето од Бирото за развој на образованието за тој период. Вие знаете дека образложението беше дека може да се искористи, но иако не постои обврска да се користи, јас ќе го разгледам. со мојот кабинет и ќе доставам соодветно мислење до Бирото за развој на образованието за тоа како да се постапува со овој прашалник,изјави Шаќири.
Тој додаде дека ќе побара внимателно да се разгледаат сите прирачници пред да се разделат на децата.
-Ќе побарам сите дополнителни материјали, прашалници, сите одобрувања што ги дава Бирото, за каков било материјал кој влегува од невладини организации, внимателно да ги разгледува пред да бидат достапни за децата, изјави Шаќири.
На наставните ливчиња предвидени за децата во средните училишта има специфични прашања кои можаат да ги доведат во конфузија младите, но и кои според родителите имаат агенда. Бирото за развој на образованието вчера реагираше дека станува збор за прирачник уште од 2011 година кој е за наставниците.
-Бирото за развој на образование најостро ги демантира дезинформациите во јавноста за наводно постоење и употреба на учебник којшто го користат учениците во средното образование за реализација на програмата Образование за животни вештини. Имено, се работи за изготвен прирачник за наставници врз основа на наставна програма. Наставната програма е донесена од министерот за образование и наука, а Прирачникот е одобрен од директорот на Бирото за развој на образование и министерот за образование и наука во 2011 година. Наставната програма не е задолжителна, односно наставниците во средните училишта имаат слобода да изберат кои содржини и соодветно на тоа кои работни листови ќе ги реализираат и во кој период од учебната година со цел да одговорат на потребите на адолесцентите, соопшти вчера Бирото за развој на образованието.
Од Бирото за развој на образованието појаснуваат дека наставната програма за Образование за животни вештини не се однесува на наставен предмет, туку може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование: гимназиско образование, уметничко образование и средно стручно образование.