Шаќири: ДУИ секогаш е за ветинг и тоа го бара за сите функционери

by Fokus

Министерот за образование и наука и висок функционер на Демократската унија за интеграција, Јетон Шаќири рече дека ДУИ е политичка партија, која секогаш била за ветинг за сите функционери.

Тој ова го кажа во одговори на новинарско прашање за вчерашното прогласување на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за непожелна личност за влез во САД, пред почетокот на дебатата за промоцијата на Анализата: Политичко образование во Северна Македонија, во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Претседателскиот центар за политичко образование ПЦПО

„Ова прашање не е од сферата на образованието. ДУИ како политичка партија секогаш била за ветинг и ДУИ го бара ветингот за сите функционери кои доаѓаат од централно и локално ниво“, изјави Шаќири .

Шаќири рече дека ќе има официјален став од партијата и за политички прашања новинарите ги упати да се обратат до партијата.

Стејт департментот вчера го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за непожелна личност за влез во САД, поради негова вмешаност во значајна корупција, се наведува во писмената изјава на Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

„За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудсните и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“, стои во соопштението.

Поврзани новости