Шаќири: Анализираме дали учебната година ќе почне на први или во средината на септември

by Fokus

Предлогот училишната година да започне подоцна, а не на први септември, не е доставен до Владата, изјави денес министерот за образование и наука Јетон Шаќири одговарајќи на новинарско прашање дали наставниците и синдикатите се консултирани за предлогот на МОН училишната година да започне на 11 септември, да има пролетен распуст и да заврши кон крајот на јуни.

„ Се уште не е доставен предлогот до Влада. Тоа е дискусија што почна заедно со синдикатите“, одговори министерот.

Шаќири  објасни дека иако кај нас новата учебна година започнува на први септември, во други земји таа стартува подоцна.

Тој нагласи дека Владата ќе одлучи како е подобро за образовниот процес, нагласувајќи дека овие промени може да се реализираат и од септември, за што, според него, има доволно време.

„Доколку одлучиме за први септември, ќе биде петок. Доколку се одлучиме за втората варијанта, тоа е во средината на месец септември. Третата варијанта е почеток од 1 септември, но, исто така учениците да имаат пролетен распуст’“,  појасни Шаќири.

На прашањето дали новата учебна година ќе започне без проблеми, министерот одговори дека смета оти таа ќе биде една од поуспешните во делот на доставување на учебници уште од самиот старт.

На прашањето дали ќе има одговорност за тоа што биле пробиени тестовите на матурскиот испит, Шаќири одговори:

„ Имам побарано од Државниот испитен центар и Советот да ги има предвид сите закони и секое прекршување, да има заклучоци за образовниот процес во дел на препишување на државната матура. Ако имаше пробивање во дел на државната матура, ќе имаше други чекори. Но, и ние како општество во наредниот период сите да дадеме придонес за вакви случувања да има што помалку во образовниот процес“, изјави Шаќири.

Поврзани новости