Деновиве во Кавадарци започна санација на оштетените шахти, и се работи на нивно израмнување со нивото на асфалтот на коловозите. Проблемот со нерамните шахти е присутен речиси во секој град во земјава.
Испакнати или пак вдлабнати, за нив и за нивното нерамно поставување, често се коментира и критикува, но никако да се открие која е причината што ги спречува работниците да ги постават правилно. Претставуваат голем проблем за возачите, бидејќи се еден вид на ударни дупки, но неретко и за пешаците.
-Да му се додели грант за иновации на тој кој ќе измисли шахта рамна со асфалт – е една од шегите актуелна на социјалните мрежи по повод овој проблем.
Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци за ,,Фокус” вели дека се работи на терен и ќе бидат поставени 200 нови шахти, брендирани со логото на градот.
-Не може една земја која се стреми кон Европа да нема шахти израмнети со асфалтот. Речиси во секој град постои истиот проблем кој ги иритира возачите. Ангажирани се стручни екипи, се поставува бетон, работните активности ќе бидат изведени најпрофесионално, и наскоро во Кавадарци проблемот со шахтите ќе биде минато. -Општина Кавадарци преку ЈП „Комуналец“ деновиве засилено работи на рехабилитација на шахтите по кавадаречките улици. Станува збор за редовна активност на комуналното претпријатие, која деновиве се изведува интензивно. Целта е да се санираат сите оштетени шахти и да се израмнат со нивото на асфалтот од коловозите. Со овој зафат како трајно решение ќе се рехабилитираат шахтите и ќе се отстранат и опасностите од нив како ударни дупки при одвивањето на сообраќајот по градските улици – информираа од општината.
Вики Клинчарова