Состојбата во градинките е стабилна, но доколку утврдиме дека бројот на заболени од Ковид-19 се зголемува, нема по секоја цена да ги чуваме отворени, изјави денеска на прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
-Согласно епидемиолошката состојба во државата и здравствените власти ние како министерство ќе носиме одлуки. Не по секоја цена ќе останат отворени градинки и центри за попреченост. Нас ни е најважно здравјето на граѓаните, вели Шахпаска.
Таа посочи дека досега во градинките има 15 деца и 45 вработени позитивни на Ковид-19, но сите вели се во добра здравствена состојба.
-Децата инфекцијата не ја стекнале во градинката, бидејќи во нивните семејства бил присутен вирусот. Состојбата и на децата и на вработените е добра, а на голем дел од нив им заврши изолацијата и ќе можат да се вратат на работа, рече министерката.