Раководството на Исламската верска заеднца на чело со Сулејман Реџепи го урна правниот систем, уставот и другите нормативни акти на заедницата и таквото однесување не може да се толерира, изјави разрешениот скопски муфтија, Ибрахим Шабани, чии проврзаници денеска го преземаа седиштето на ИВЗ и прогласија привремено раководство.
– По овој хаос и последниот инцидент создаден од реисот Реџепи, по кој следеле неуставни одлуки спротивно на сите норми, Муфтиството на ИВЗ – Скопје даде рок од 48 часа за подобрување на состојбата, но Сулејман Реџепи не даде извинување за навредите кон сопругите на имамите. Имајќи го предвид сето ова, ИВЗ од денеска ќе биде раководена од привремено раководство водено од скопскиот муфтија Ибрахим Шабани – рече Шабани.
Инаку, несогласувањата меѓу ИВЗ и скопското муфтиство започнаа пред една недела, кога на свеченост во Македонската опера и балет Реисот ги навредувал и си ја припишал само за себе заслугата за враќањето на имотите на скопското муфтиство преку денационализација. Шабани тогаш побара извинување од реисот, но тој минатата недела во скопско Кондово одржа изборна седница на ИВЗ, на која доби нов мандат да ја води втората по големина верска заедница во Македонија. На оваа седница воедно тој ги разреши од функциите скопскиот муфтија и генералниот секретар на ИВЗ, Африм Тахири.
Во полицијата било пријавено собирање на граѓани кои се незадоволни од смената на скопскиот муфтија, а полициски службени се уште се присутни пред седиштето на ИВЗ, каде не се наоѓа Реџепи, туку дел од вработените во ИВЗ и приврзаниците на Шабани и Тахири. Се уште се очекува реакцијата на Реџепи околу овие случувања.