Марко Пејчиновски од Охрид синоќа реши да се откаже од својот замислен подвиг, пливајќи триаголник Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, поради болки во ногата.
И покрај тоа, македонската јавност упати низа позитивни коментари кон Марко, а охрабрувачки зборови дојдоа и од олимпискиот шампион Шабан Трстена, кој мирно го набљудува спортскиот развој на Марко.
„Браво мали. Малиот Марко е шампион и останува за мене шампион заради неговата идеја да помогне на млади болни деца, иако не успеа да го преплива маратонот во триаголникот Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, во должина од 64 километри, поради болки што имаше во ногата. Сепак детото пливало 12 километри, минувајќи во водата 5 часа без ниту една минута пауза. Замислите ох народе, тој има само 13-години и го ризикува свој живот само да помогне од хумани причини на лицата со ретки болести.
Навистина мали, ти имаш големо срце на овие 13 години, што си размислил со твоја идеја и визија како да помогнеш луѓе кои се борат за нивното здравје. Затоа си шампион и охридски херој. Мали, јас сум оптимист дека ти во иднина ќе го реализираш овој твој сон. Браво за тебе, затоа што покажа голема храброст и со твојата хуманост си пример за многу богати луѓе. На крај, сакам да им порачам мојот совет на сите тие што работат со Марко, дека тој е сепак малолетно дете и грижата е голема и одговорноста припаѓа на вас. Затоа ве замолувам за сите подвизи на Марко, претходно да имате согласност од стручни лица во пливање, лекари и експерти кои ќе дадат позитивно мислење за вакви големи проекти. Да не заборавиме дека здравјето на Марко е најважно од сите негови подвизи“, вели Трстена.