Севернокорејските војници првпат влегоа во битка заедно со руските сили во Курск, а Вашингтон има информации дека во таа прилика забележале и загуби, односно дека се убиени и ранети, соопшти денеска Пентагон.
„Проценуваме дека севернокорејските војници учествувале во борбите во Курск… Имаме индиции дека претрпеле загуби, и убиени и ранети“, изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.
Рајдер рече дека нема детали за бројот на севернокорејските жртви, но додаде дека севернокорејските сили се вклучиле во борбите минатата недела.
к
За потсетување, украинската армија денеска објави снимка од битките за кои тие тврдат дека покажуваат како специјалните сили ја напаѓаат севернокорејската пешадија во руската област Курск.
Да потсетиме, неколку елитни бригади на украинската армија на почетокот на август ја нападнаа руската област Курск и оттогаш Русите се обидуваат да ги потиснат. Неодамна, севернокорејски војници кои претходно биле на обука на далечниот исток на Русија, недалеку од границата со Северна Кореја, пристигнале да им помогнат на руските сили.
За борбите во Курск објави и украинската воена разузнавачка агенција ХУР, која тврди дека Севернокорејците претрпеле значителни загуби во Курск.
„Во текот на 14 и 15 декември 2024 година, во областите на селата Плеково, Ворожба и Мартиновка, во областа Курск во Русија, единиците на севернокорејската армија претрпеа значителни загуби – најмалку 30 војници беа убиени или ранети“, стои во нејзиниот извештај.