Севернокорејските власти наредија артилериските единици во близина на границата со Јужна Кореја да бидат подготвени да отворат оган врз беспилотни летала кои носат летоци и пакети со помош од југот, објави денеска државната новинска агенција КЦНА.
Портпаролот на Министерството за одбрана на Северна Кореја изјави дека властите очекуваат уште беспилотни летала над главниот град и дека на војската и е наредено да се подготви за сите сценарија, вклучително и за конфликт, пишува Ројтерс.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја во петокот ја обвини Јужна Кореја дека оваа недела и минатата недела испратила беспилотни летала во Пјонгјанг ноќе, и дека упадот бара одмазда.
Севернокорејскиот функционер и сестра на лидерот Ким Јонг Ун, Ким Јо Јонг, го предупреди Сеул на „страшна катастрофа“ доколку јужнокорејски беспилотни летала прелетаат над територијата на Северна Кореја.
Таа, исто така, ја критикуваше јужнокорејската војска за нејзиниот одговор на тврдењето на Северна Кореја дека јужнокорејски беспилотни летала летале над Пјонгјанг.
– Фактот дека беспилотните летала носеа летоци е суштината на сериозноста на неодамнешниот инцидент, рече Ким, мислејќи на летоците со наводи против Северна Кореја.
Ким истакна дека вината паѓа на војската на Јужна Кореја, доколку не успеала да ги идентификува беспилотните летала испратени од невладина организација што ја преминува границата.
Началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја соопшти дека не може да ги потврди обвинувањата на Северна Кореја
Северна Кореја пушта илјадници балони за ѓубре на југот од мај, што ги влошува тензиите меѓу двете земји.