„Нашата соработка е силна во НАТО, во ЕУ и во Украина, и знам дека народот на Сереверна Македонија разбира дека иднината на земјата е светла како дел од напредните европски демократии“, рече премиерот Трудо, нагласувајќи дека „Северна Македонија може секогаш да смета на Канада“.
Трудо изрази задоволство од одличната соработка на двете држави во НАТО, посебно од учеството на македонски војници во борбената група за зајакнато истурено присуство во Латвија, која е под канадска команда, соопшти Владата.
„Притоа, Трудо истакна дека оваа група овозможува значајна соработка меѓу сојузниците од различни земји во зајакнување на трансатлантската одбрана и безбедност, а македонските војници, како дел од истата, се високопочитувани од страна на канадските колеги“, стои во соопштението од Владата.
Од Владата велат дека на телефонскиот разговор присуствувала и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, а премиерот изразил задоволство што токму денес во посета на Македонија е министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли.
„На разговорот беа опфатени неколку теми во насока на натамошно продлабочување на билатералните односи, како и соработката во рамките на НАТО и мултилатералната сцена. Премиерот Ковачевски нагласи дека долгорочен интерес на Северна Македонија е севкупно развивање на односите и соработката со Канада, која од самите почетоци на нашата независност манифестира активна поддршка на реформските, европското и евро-атлантското интегрирање на земјата. Премиерот Ковачевски се осврна и на важноста на македонската заедница во Канада и нејзиниот значаен придонес во канадското општество.“, соопшти Владата, и додаваат дека и двете страни ја нагласиле важноста Северна Македонија да стане Членка на ЕУ.