Северна Кореја повторно испрати стотици балони полни со ѓубре кон Јужна Кореја, јавува Си-Ен-Ен. Се работи за околу 330 балони со кеси за ѓубре, а 80 од нив слетале во Јужна Кореја, соопшти Здружениот штаб (JCS) во Сеул.
Во пакувањата била пронајдена стара хартија и пластика, но немало опасни материи, соопшти ЈЦС. Според податоците на CNN, од 28 мај во Јужна Кореја пристигнале околу 1.060 балони од Северна Кореја.
Советот за национална безбедност на Јужна Кореја денеска одржа итен состанок за да даде одговор на последниот бран балони за ѓубре.
Минатата недела Пјонгјанг соопшти дека испратил вкупно 3.500 балони со 15 тони ѓубре на својот сосед, објави државниот медиум KCNA, цитирајќи го заменик-министерот за одбрана на Северна Кореја, Ким Канг-ил.
Јужнокорејската војска одговори попладнево по локално време со емитување преку разглас до Северна Кореја, според JCS. Војската на Јужна Кореја некогаш играше пропагандни преноси како дел од психолошката војна против Северот, додека не ја повлече опремата по самитот меѓу соседите во 2018 година.
Преносите ги информираат севернокорејските војници и жителите за „реалноста на Северна Кореја“, развојот на Јужна Кореја и корејската култура, соопшти JCS.
„Северна Кореја е целосно одговорна за моменталната ситуација, ги повикуваме веднаш да престанат со такви одвратни дејствија како што е испраќањето балони со ѓубре. Дали нашата војска ќе пушти уште еден пренос преку звучниците целосно зависи од дејствијата на Северна Кореја“, соопшти JCS.
Севернокорејскиот режим вели дека тие ги испраќаат балоните како одмазда за пропагандните летоци испратени преку граница од јужнокорејски активисти и севернокорејски дезертери. Групите како севернокорејските борци за слобода долго време испраќаа балони со предмети забранети во изолираната тоталитарна диктатура, вклучувајќи храна, лекови, радија, пропагандни летоци и делови од јужнокорејски вести.