Хрватската музичка ѕвезда Северина се најде на листата со лица кои бараат државна помош поради корона вирусот.
Како што пренесуваат медиумите во Хрватска, таа побарала помош од државата за исплата на плата, бидејќи и паднал приходот повеќе од 20 проценти.
Инаку, во Хрватска околу 87.000 компании, но и самостојни професии побарале исплата на минималец. Сите работодавачи за март ќе добијат 3.250 куни за секој пријавен работник, додека за април помошта се зголемува на 4.000 куни. Со оглед на падот на приходот, Северина го исполнувала условот за државна помош од 3.250 куни, односно околу 26.400 денари.
Пејачката беше честа гостинка и во Македонија на голем број на општински манифестации. Нејзините настапи се едни од најскапо платените во регионот и за настап од околу два часа хонорарот и изнесува над 30.000 евра.
За дочекот на Новата Година имаше настап во Пореч, а тамошните медиуми пишуваа дека добила хонорар од 60.000 евра. Хрватската јавност на нож ја дочека веста дека пејачката позната по својот раскошен начин на живот барала државна помош.
На социјалните мрежи се актуелни коментарите дека е бесрамно некој кој носи гардероба и чевли по цена на автомобил и се расфрлал на скапи патувања низ светот, чека минималец од државата.
-Зарем ништо не си заштедила сите овие години? – прашуваат револтирани граѓани.
Вики Клинчарова