Северна Кореја разнесе делови од пат на својата страна од силно милитаризираната граница меѓу двете Кореи, соопшти началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја.
Околу пладне по локално време, разнесени се делови од патот северно од воената демаркациона линија меѓу двете земји, соопшти Здружениот штаб. Јужнокорејската војска го засили надзорот и подготвеноста за одговор, се додава.
Сеул претходно предупреди дека Пјонгјанг планира да разнесе патишта. Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемија откако Северна Кореја ја обвини Јужна Кореја дека испраќа беспилотни летала над нејзиниот главен град Пјонгјанг.
Северна Кореја во петокот соопшти дека беспилотните летала фрлиле „голем број“ непријателски летоци врз Пјонгјанг, што го смета за политичка и воена провокација што може да доведе до вооружен конфликт.
Портпаролот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја одби да каже дали со наводните беспилотни летала управувала јужнокорејската војска или цивили.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во понеделникот се сретна со претставници на одбраната и безбедноста, а тема на разговорот беше одговорот на „сериозната непријателска провокација која го наруши суверенитетот на КНДР“, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА.
Руското Министерство за надворешни работи во понеделникот ја обвини Јужна Кореја за зголемување на тензиите со соседната земја и повика на дипломатија за воспоставување мир и безбедност на Корејскиот Полуостров.
„Обезбедувањето долгорочен мир и стабилност во подрегионот е можно само преку политички и дипломатски средства засновани на неделива безбедност. Нема алтернатива освен ако агресијата не е вистинската цел на Јужна Кореја и нејзиниот „поголем“ сојузник, САД# – изјави портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.
Русија и Северна Кореја ги зајакнаа дипломатските и воените врски од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.