-Цели единаесет дена поминав на ковид одделот во кавадаречката болница и она кое го видов таму нема никогаш да го заборавам – за ,,Фокус” раскажува 39-годишната Љ.Н. од Неготино, која успешно ја извојува битката со корона вирусот. Таа е мајка на две малолетни деца и сопруга, и открива дека целото семејство и се инфицирало со вирусот. Им било одредено домашно лекување, на почетокот и било добро, се грижела за децата и сопругот кои имале симптоми и покачена температура.
-На осмиот ден, состојбата ми се влоши. Ако од почетокот на утврдувањето на дијагнозата за цело време бев на нога, околу семејството, симнував температури, правев супи и цедени сокови, по осум дена, јас буквално паднав. Ноќта бев хоспитализирана на ковид одделот во кавадаречката болница, беше тоа период на неизвесност, страв… Оставаш дома деца и сопруг, позитивни, заминуваш во болница бидејќи ти е многу лошо, не знаеш што да очекуваш… Како зрак на надеж и утеха ми дојдоа првите средби со медицинските сестри кои ме пречекаа на одделението. Тие беа моите ангели за цело време додека се лекував таму! Со маски кои дури им беа излепени околу лицето, со три пара ракавици, опремени комплетно, не знам како издржуваа. Сепак, и покрај се, тие имаа позитивна енергија да не расположат и нам, пациентите, да ни дадат сила и утеха, да не уверат дека се ќе биде добро – раскажува младата жена.
Појаснува дека на одделот престојувале поголем број на постари пациенти, кои сестрите дури и ги хранеле со лажичка, им давале течности со сламка. Вели, расположени, со мајчинска грижа подеднакво се вложиле околу негата на постарите, како и на младите пациенти.
-Ајде бабе, те молам отвори ја устата, ајде уште една лажичка, мораш да јадеш, да оздравиш – ги слушав како им зборуваат на старите болни. Слабички медицински сестри, со ситна градба, ги креваа тешките боци за кислород, ги креваа пациентите, се случуваше некој од постарите да падне од кревет, тие веднаш трчаа, енергични, без да се жалат, без да покажат замор, во опремата низ која ги слушавме како тешко дишат. Ми доаѓаат солзи кога се сеќавам на нивната пожртвуваност. Тие се столбот на здравството сега во овие кризни моменти, никогаш да не се заборави што прават за пациентите во овој тежок период за човештвото – појаснува нашата соговорничка.
Додека престојувала во болницата, три повозрасни лица на одделот ја изгубиле битката со болеста. Како пациентите, така и медицинскиот персонал бил вознемирен од лошите вести, но нивната мотивација да помагаат и да дадат се од себе не се намалила во ниту еден момент.
-И лекарите се тука, си го работат својот дел, но сестрите се тие кои се покрај пациентите за целото време. Дури и ги прашувавме за се што не ни беше јасно во врска со терапијата, во врска со симптомите, стрпливо ни одговараа, појаснуваа, видов таква солидарност и грижа, што немам доволно зборови да им се заблагодарам. Се менуваа на два часа, не знам како издржуваат. Само да ја ставиш заштитната опрема на себе и да ја извадиш ти е потребно многу време, ниту една од нив во ниту еден момент не се пожали! Во тек на ноќ, се слуша од една, па од друга соба – Сестро, сестро, пациентите постојано ги викаат, а тие веднаш одговараа – Кој вика, доаѓаме! И трчаа, помагаа, душата си ја даваат на одделот, и покрај тоа што и самите се луѓе од крв и од месо – вели неготинчанката.
Таа додава дека во овој период, мора да им се излезе во пресрет на здравствените работници и да се помогне целиот здравствен систем. Апелира до општествено одговорните компании, не само од Кавадарци, туку и од Неготино, од каде голем број на пациенти се хоспитализирани на кавадаречкиот оддел, да покажат хуманост и да донираат средства или материјали кои сега се неопходни на одделението, како боци за кислород, постелнина…
-Сите треба да се угледаме на медицинските сестри и дадеме свој придонес во оваа битка! Од сопствено искуство, би предложила да се отвори еден дел во склоп на болницата во Кавадарци или пак во Неготино каде позитивните пациенти кои се на домашно лекување ќе можат да примаат инфузија. Многу од тие кои се лекуваат дома се исцрпени, дехидрирани, со дијареа и повраќање, потребно им е освежување во тек на денот, а не хоспитализирање. Затоа мислам дека треба да се овозможи адаптирање на една просторија, каде пациентите ќе доаѓаат да примат инфузија и потоа ќе се вратат дома. Би било од голема помош – појаснува таа.
Вели дека и покрај тоа што е млада и немала никакви хронични заболувања, сепак вирусот силно ја погодил и лекувањето не било воопшто наивно. Апелира на почитување на мерките на заштита, бидејќи се работи за сериозен и непредвидлив вирус, и никој не може да знае како ќе му се развива болеста.
Вики Клинчарова