Регионалниот лезбејски форум „Сестри аутсајдерки“ почнува денес во 17 часот во ГЕМ клубот (над Менада). Форумот ќе трае до 29.11 (недела) и ќе вклучи активистки од целиот регион. Форумот исто така вклучува и женски марш против сексуалното насилство врз жените на јавните простори „Ја имаме моќта, ја враќаме ноќта!“ . Маршот ќе се оддржи на 28.11 (сабота) со почеток од 22 часот, пред стоковна куќа Мост.
Регионалниот лезбејски форум овозможува платформа за поврзување на искуствата и практиките од регионот кои повикувајќи се на минатото и во согласност со моменталниот општествен и политички контекст ќе придонесат кон градење на заеднички вредности за делување како и кон градење на стратеги и планови на делување на национално, но и на регионално ниво (Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија). Форумот ќе се реализира во текот на 4 дена и ќе се заснова на три столбови кои се испреплетени низ агендата:
а) контекстуализација која вклучува три панели, почнувајќи од историските разлики и линиите на континуитет во лезбејскиот активизам во регионот, преку културниот активизам и уметноста како платформа за лезбејски политики на отпор и критика до последниот панел кој е насочен кон градењето на алијанси помеѓу лезбејските движења, критиката на национализмот и класната борба;
б) работиме заедно да поставиме заеднички вредности на делување како основ наЛезбејскиот манифест, а земајќи ги предвид споделените контексти, идеи и визии; и
в) безбедно место за работилници и споделување на искуства кои ќе ги отворат прашањата на каминг аут и лезбејските врски и прашањето за насилството врз жените.