Мојата сестра е пратеничка, тоа не е тајна вели судијката Антоанета Димовска која бара од Судскиот совет да биде предлог за уставен судија за кој ќе треба баш пратениците да гласат на пленарна седница. Димовска е сестрата на пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчевска, која ако Судскиот совет одлучи да ја предложи, во Собранието ќе треба да гласа за нејзиниот избор, пишува Радио Слободна Европа.
-Мојата сестра е пратеничка, тоа не е тајна, таа се бави со политика, тоа е нејзина професија, ова е моја професија во која сум го вложила целиот мој работен век и постојано работејќи и учејќи и дури можеби звучи навредливо кога никој не гледа како личност со професија туку како нечија сестра, вели Димовска за ТВ 24.
Првиот човек на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека засега нема законски пречки судијката да си поднесе кандидатура во Судскиот совет за уставен судија.
„-А судскиот совет согласно критериумите кои ги има воспоставено да оцени дали ќе биде нивни предлог за во Собранието или не. Доколку предлогот од Судскиот совет се достави до Собранието, значи да предвидиме идна ситуација, тогаш нејзината сестра која е пратеничка мора да се изземе од расправата и гласањето за судијката, таа не смее нити да одлучува нити да учествува во расправата, вели Ивановска.
Ивановска вели дека клучно е да бидат испочитувани критериуми, предлогот за уставен судија да биде избран поради професионализам, а не поради политичко влијание.
Димовска испратила допис до Судскиот совет со барање да биде предложена за нов уставен судија на местото на актуелната судијка Вангелина Маркудова на која истекува мандатот на 7 декември. На Уставниот суд засега му недостасуваат 4 судии кои треба да дојдат на предлог на пратениците во Комисијата за избори и именувања и да бидат избрани на пленарна седница од пратениците. Местото на Маркудова според правилата за избор на уставни судии треба да биде пополнето со судија кој ќе дојде од редовите на Судскиот совет односно да биде еден од вкупниот број на судии во земјава кој изнесува 493. Судскиот совет нема обврска да го прифати нејзиното барање.
Антоанета Димовска е судијка која доаѓа од скопскиот Основен суд 2 – Граѓански суд и во јавноста е позната по пресудата за тужбата на новинарите за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Таа отфрли една тужбата на новинарите посочувајќи во пресудите дека новинарите сами се довеле во опасност затоа што не носеле шлем на крвавиот четврток.
Денеска во Собранието на комисиската расправа се дебатираше за третиот кандат за уставен судија, актуелниот републички обвинител Љубомир Јовески. Уставниот суд 17 месеци работи со намален број на судии. Откако им истече мандатот на сега веќе поранешните уставни судии Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски, пратениците не избраа нивни заменици. Засега собранискиот филтер го поминаа само двајца од тројцата предлози на владејачкото мнозинство.