Во Белград денеска се одржува Сесрпскиот парламент, на кој се собраа голем број луѓе од Србија и Република Српска, а покрај разновидна програма се одржа и заедничка седница на двете влади за подобрување на соработката.
Политичките лидери на Србија и на Република Српска денеска на Сесрпскиот собор во Белград објавија „Декларација за заштита на националните и политичките права и Заедничка иднина на српскиот народ“, во која се наведува дека „Косово и Метохија е неотуѓив дел од Србија“ и „се осудува секое непочитување и кршење на Дејтонскиот мировен договор за Босна и Херцеговина“.
Постигнат e договор за српско единство, кое нема да трае ниту ден, два или три месеци, туку засекогаш и никој нема да може да го уништи српското единство и да направи чекори наназад, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
-Ние Србите често не сме свесни за историски и значајни настани, ги паметиме само по неколку децении. Денеска беше постигнат договор за српско единство, кое нема да трае еден ден, два или три месеци, туку ќе трае вечно. И никој никогаш нема да може да го уништи српското единство и никој никогаш нема да може да направи чекори наназад во однос на единството што беше постигнато денес – рече Вучиќ.
Освен во Белград, програми се планирани и низ цела Србија, а, како што изјавија претходно претставниците на Србија и Република Српска, оваа манифестација ќе биде можност да се потврди единството, да се зајакне поврзаноста и да се подобри зачувувањето на културата на меморијата.