Серјожа Марков: Алек Теранова ми рече дека е пратен од Груевски за основање на фирма

by fokus 18:03
18:03

Адвокатот Серјожа Марков, во чија канцеларија бизнисменот Александар Ивановски – Алек Теранова се обратил за основање на „Синах инженеринг“, фирмата ќерка на офшор-компанијата „Синах лимитед“ од Белизе, на денешното рочиште за случајот „Плацови на Водно“ кажа дека бизнисменот на првата средба му кажал оти ги пратил тогашниот премиер Никола Груевски, пренесе 360 степени.

-Кога дојде во канцеларијата, во прв момент забележав ароганција, зашто го познавам повеќе од 20 години, и пред да ми каже за што е работата рече дека е пратен од тогашниот премиер Никола Груевски и дека ова тој го работи за него, сведочеше адвокатот.

- Advertisements -

На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, кое лице било запишано како управител на фирмата, сведокот кажа дека Ивановски рекол оти тоа ќе биде Ристо Новачевски.

-Ми рече дека тоа ќе биде Ристо Новачевски, ми го претстави како кум на Груевски, ми најави дека ќе дојде во следните денови, но тука веќе беше присутна адвокатката што работи во мојата канцеларија, Менка Макаровска, која го работеше овој случај. Реков целата кореспонденција да ја води со неа. Нејзе ѝ кажав за сите активности да го известува и за тоа да има писмена кореспонденција, имајќи предвид дека ако утре дојде до проблем некој може нас да нè посочи како виновници, рече Марков.

По ова Мијалков го праша сведокот дали тој лично му се јавил некогаш околу овој случај на што доби одговор: „Ниту пред ниту подоцна не се јави никој друг освен Алек и понатаму Ристо Новачевски“.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија, наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај за имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.

Поврзани новости