Телевизиската серија „Сенки над Балканот“ во иднина би можела да се емитува на новоотворената 1 ТВ, а досега се емитуваше на МРТ.
Како што дознава „Фокус“, режисерот на серијата, Драган Бјелогрлиќ ги остварил првичните контакти со раководството на 1 ТВ, но и со уште една национална телевизија, а шансите да се емитува на 1 ТВ се големи.
Оваа серија е историски трилер со дејствија кои што се одвиваат на почетокот на 20-от век, главно во Белград, и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија.
Серијата по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ е меѓународна копродукција помеѓу „Кобра Филм“ – Србија, „Скопје Филм Студио“ – Македонија и „Искра“ – Русија. Како копродуценти на серијалот со свое учество се вклучија и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а истата е финансиски поддржана од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија.
Улогите во серијата ги толкува плејада на актери, меѓу кои Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Алексеј Солончев, а од Македонија играат: Петре Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.