Сепак, компромис!

by Fokus

Пишува: Денко Малески

Бидејќи Грција го доби она што го сакаше, се назираат контурите на компромисот. Дали е Грција задоволна? Не можам да се отргнам од впечатокот дека, кога не би била изложена на притисокот на Америка и на западните сојузници, кои ја решаваат и сопствената безбедносна дилема визави Русија, првиот избор на секоја грчка влада би бил да не прави ништо. И, да бидам до крај фер, првиот избор на секоја македонска влада, исто така, би бил да не прави ништо.

Но, двете држави и двете политички водства веќе не го избираат моментот, моментот ги избра нив. Од центри далеку посилни од нивните држави, се бара да испорачаат резултат во форма на договор. Значи, на пат сме кон компромис.

Кои се последиците од тој компромис? Прво, што добиваме? Добиваме членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, без што нашиот опстанок како држава и како нација виси на конец. Значи, добиваме шанса да постоиме. Тоа е успех кој не може да се споредува со отстапките.

Кои се отстапките? Симболиката на промената на името на аеродромот и автопатот, ја означи подготвеноста на новата влада да ја дистанцира државната политика од Александар Велики и античка Македонија, повлекувајќи се од она што јужниот сосед го смета за дел од својата историја и култура.

Менувајќи го името на државата, особено ако тоа, на крајот, сепак, биде варијантата разбирлива за светот, Нова Македонија (New Macedonia) прави дистинкција како во територијална, уште повеќе, во историска смисла, нешто што е од примарна важност за Грција, но, како што набргу ќе дознаеме, и за Бугарија.

Имено, без оглед на фактот што со Грција имаме спор околу далечната, а со Бугарија околу поблиската историја, временската линија која што ќе се повлече со името Нова Македонија, ги олеснува разговорите кои не очекуваат со Софија. Второто име, Горна Македонија, може набргу да стане извор на натпревар за територија и за историја, помеѓу македонскиот и грчкиот национализам.

И, на крајот, фактот дека новото име ќе биде и за домашна употреба, ќе ги ослободи идните генерации од митот на поделената татковина, изворот на конфликти со соседните нации, но и со нациите со кои го споделуваме животот во заедничката мултиетничка држава…

(Дел од колумната што ќе биде објавена во наредниот број на „Фокус“)

Поврзани новости