Сепак ќе се зголемат дел од замрзнатите цени, поскапел увозот

by fokus

Ќе се ревидираат цените на дел од 11-те видови овошје и зеленчук коишто со владина одлука се замрзнати од 5 април. Одлуката ќе се донесе во вторник на седница на Владата, а следува по новите цени кои се пријавуваат од увозниците во Царинската управа.

На средбата што се одржа вчера во Министерството за економија со увозниците на овошје и зеленчук е договорено да се направат минимални корекции на цените. Последните податоци што биле анализирани со увозниците покажале мало зголемување на увозните декларации на некои производи и според министерот за економија Крешник Бектеши би требало следствено на тоа да се коригираат и цените од одлуката.

Според Бектеши, ниту еден од производите опфатени со одлуката за замрзнување на цените нема да биде со повисока цена од 100 денари за килограм.

-Корекцијата ќе биде процентуална во зависност од зголемените трошоци за увоз прикажани во Царината од 28 март, па до денеска. Процентуално колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално ќе се намали цената на тој производ, а ако е истата ќе остане иста цената, изјави Бектеши.

Договорено е, како што рече, да се направи минимална корекција на цените, имајќи предвид дека веќе почнале да пријавуваат увозни цени кои кореспондираат со тоа што се дава како фактури во другите држави. Но, потенцира, никако нема да има цени како пред 10-ина дена кога во малопродажба се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 денари и погоре.

-Ниту еден од производите кои беа наведени во одлуката за замрзнување на цените нема да има повисока цена од 100 денари за килограм. Ќе има мала корекција само во делот на доматите и краставиците заради тоа што нема веќе увоз од Турција и од Грција каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија, заради тоа што во Албанија еден месец однапред излегуваат овие производи, информира Бектеши.

Во првите четири месеци од годината кај нас генерално се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија кои се во ЦЕФТА немаме царини, а со Грција и Турција има, а се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.

Очекувањата на министерот согласно податоците од домашните производители се дека нашите производи ќе излезат кон крајот на месецов и почетокот на наредниот по што ќе има нагло намалување на цените.

Со одлука на Владата од 5 април се определени највисоките цени во трговијата на мало за свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони.

Килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.

Владата завчера на седница донесе одлука трговците кои продаваат овошје и зеленчук да прибавуваат и продаваат 70 проценти од количините што ги продале во јануари и февруари, а ќе важи до крајот на април.

 

Поврзани новости