Министерството за образование и наука известува дека во вторник ќе се направи измена на конкурсот и ќе се воведе паралелка за акушерки на македонски јазик на смерот гинекологија и акушерство. Инаку, за следната наставна година во Средното медицинско училиште на Град Скопје “Д-р Панче Караѓозов” предвидена беше само една паралелка на албански јазик.
-Конкурсот за упис во средно образование во учебната 2023-2024 година е исто така заеднички дефиниран, но сепак, постои време и простор за измени. Во таа насока, иницијативата на СУГС Д-р Панче Караѓозов“ е веќе разгледана и информираме дека ќе биде прифатена, односно ќе се отвори и паралелка на македонски наставен јазик за профилот гинеколошко акушерска сестра, рекоа од Министерството.
Првичната одлука да има само една паралелка на албански јазик предизвика бура од реакции во јавноста, а дел од граѓаните, но и Асоцијацијата на медицински сестри порачаа дека на оваа дискриминациона пракса треба да и се стави крај.