Најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Одговарајќи на новинарски прашања, Маричиќ рече дека СЕП активно ќе учествува во таа работна група и ќе номинира лице што ќе биде претставник од Секретаријатот и со допис до понеделник ќе го информира Министерството за правда.
-Секако, ќе биде лице со искуство и кое долго работи на тие прашања и што ќе може да даде соодветен придонес во работната група. Се уште не е дефинирано, но најдоцна до понеделник ќе го соопштиме и на јавноста, рече Маричиќ на заедничка прес-конференција со министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ.
Нагласи дека се работи за многу важна работна група и се надева дека и сите политички партии ќе номинираат свој претставник. Ги повика да учествуваат во разговорот за процесот на уставни измени затоа што прашањето, како што рече, „порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат“.