Од Советот за етика во медиумите на Македонија, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, соочени со, како што велат, злоупотребата на медиумите кои служат на деструктивни агенди на поединци и групи, побараа од нив да ги задоволат основните правила за професионална работа, вклучувајќи почитување на Кодексот на новинарите, транспарентност во сопственичката и уредувачка структура, како и прифаќање на саморегулацијата како единствен заштитник на медиумските слободи и независност.
„Право е на секој медиум е да одлучи дали ќе учествува во работата на саморегулативното тело – Советот за етика во медиумите на Македонија, но тоа не ги ослободува од обврската да ги почитуваат професионалните стандарди во медиумската сфера. Ова се минималните стандарди кои се очекува да бидат исполнети од страна на медиумите, во спротивно тие единствено ќе се сметаат за парамедиуми, кои работат на штета на јавниот интерес. Загрижени сме што довербата на јавноста во медиумите е честопати изневерувана од поединци и медиумски платформи кои работат неодговорно и на штета на јавниот интерес, доведувајќи го со тоа во прашање интегритетот на професијата“, стои во соопштението на СЕММ, ЗНМ и ССНМ.
Во соопштението уште се наведува дека ваквите негативни појави најчесто ги има на платформите на онлајн-медиумите, каде, според трите организации, се наоѓаат содржини со многу низок квалитет, лажни вести, дезинформации, пропаганда и сензационализам.