Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) апелира до медиумите на зголемена одговорност во информирањето на јавноста за пандемијата и за мерките за здравствена заштита на населението, вклучувајќи го и процесот на вакцинација.
– Во околности кога континуирано расте бројот на лица коишто се новозаразени со коронавирусот, од медиумите се очекува подеднакво да учествуваат во заложбите за зголемување на довербата на граѓаните во мерките за заштита на нивното здравје, преку коректно, урамнотежено и професионално информирање. Секое користење на медиумите како платформа за ширење апели на поединци и групи кои повикуваат на избегнување на мерките за заштита е во спротивност со нивната улога како значаен актер во адресирањето на дезинформациите и пропагандата, велат од СЕММ.
Додаваат дека особено е важно во услови кога вакцинацијата е тема која предизвикува различни интерпретации кај граѓаните, тие да добиваат информации засноваат на факти кои ќе им помагаат во носењето рационални одлуки за нивното здравје.