Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, вели дека семејството во Велес, чии три дечиња загинаа во пожарот што ја зафати нивната семејна куќа, одбивало сместување под кирија, кое социјалните работници им го нуделе пред да се случи трагедијата.
Царовска вели дека социјална инспекција е денеска во велешкиот Центар. Инспекторите треба да утврдат дали постои евентуален пропуст во работата на социјалните служби.
-Со сегашниот систем одговорноста на социјалните работници завршува со исплата на одредени социјални права. Ваквата огромна трагедија е уште еден доказ дека е потребна промена на системот на социјална заштита, нешто на кое оваа Влада работи. Системот на социјална заштита е поставен да трасферира пари кон граѓаните и тука да заврши приказната. Согласно новиот закон што го работиме и треба да се применува од 2019 ќе има поголем трансфер на пари, но и подобра грижа од социјалните работници кои ќе ги следат случаите ќе ги управуваат за тие да се издигнат над проблемите- рече министерката Царовска.
Таа денеска имала средба со родителите на починатите деца кои претходно, како што рече, биле посетувани од социјални работници. Тие ја информирале министерката дека пред две три години кога биле доделувани социјални станови ним не им бил доделен стан, туку на лица кои биле станбено обезбедени.
– Тие сакаат државен стан. Им ветив дека заеднички ќе поднесеме барање до Комисијата за државни станови да разгледаме дали во Велес има постоечки стан или друг објект во кој тие натаму можат да бидат сместени. Во државата нема станови кои можат да бидат доделени на ниту едно лице, така ниту ним, туку да можат во него да живеат- рече Царовска одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата на која беше презентиран Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација.
Рече дека дури на денешната средба прифатиле еден месец да бидат сместени под кирија, за да се разгледаат можностите за трајно сместување.
Во моментов, како што посочи, еден социјален работник води 350 до 500 случаи, што, потенцира е невозможно да се менаџира. Затоа, информира таа, во тек се огласи за вработување нови 136 лица. Од јули до октомври сите социјални работници и 30 отсто од вработени во АРМ ќе посетуваат обуки за управување со социјални случаи.