Семејството од Кавадарци чија покуќнина и покрив целосно беа уништени во пожарот кој им ја зафати куќата во саботата наутро, ќе добие комплетна помош и нема да остане на улица.
Финансиската, но и помошта околу механизацијата ќе ја добие од општината и од компанијата ,,Кожувчанка” и ќе се започне со расчистување на остатоците од страотниот пожар. Моментално, семејството било сместено кај свои роднини.
Пожарот кој ги вознемири кавадарчани избувна во два часот наутро во саботата. Поради неговата јачина, но и поради густо населениот терен, очивидци за ,,Фокус” тогаш раскажаа дека граѓаните стравувале како може да се прошири и на околните куќи, но благодарение на брзата и професионална интервенција на Територијалната противпожарна единица, на време бил локализиран и се спречила катастрофа од голем размер. Причините за пожарот и материјалната штета се уште се утврдуваат.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека оштетеното семејство нема да биде оставено само во овие моменти и ќе му се помогне да добие нов дом.
Вики Клинчарова