Семејството на Стефановски: За само две недели го изгубивме!

by Fokus

Веста дека познатиот драматург Горан Стефановски (66) починал во Кентербери, во близина на Лондон, каде што живееше долги години наназад, ја потресе целата јавност.

Во тек на вчерашниот ден, нацијата се простуваше од драмскиот писател на социјалните мрежи, со негови цитати и пораки полни со неверување поради загубата. Пораки со сочувство до семејството на омилениот автор на многу генерации упати државниот врв, познати актери, писатели, и голем број на почитувачи на неговите дела.

Набргу потоа, семејството се огласи со делатите за збогувањето со Стефановски. Тој ќе биде кремиран во Велика Британија на петти декември, а потоа, како што ни изјави неговиот син Игор, пепелта ќе биде донесена во Македонија, и еден убав ден ќе биде расфрлана во водите на Охридкото Езеро. Околу тоа која е причината за смртта на Стефановски, која буквално ја затекна целата јавност, неговиот син Игор ги сподели деталите.

За ,,Фокус” тој раскажува дека се се случувало во рок од само две и пол недели, и како дури и лекарите биле изненадени од текот на настаните.

-На татко ми му најдоа многу агресивен тумор на мозокот пред скоро три недели, неоперабилен, велат можно е дека растел скоро година. Бидејќи тој немаше никакви симптоми, не се откри порано… Сепак брзината со која се влоши ситуацијата ги изненади сите доктори и специјалисти. На крај, почина само две и пол недели после дијагнозата. Изгледа така требало да биде – ни раскажа Игор.

Горан Стефановски беше член на МАНУ и автор на голем број на легендарни драми, кои се преведени на многу светски јазици. Една од најпопуларните серии, ,,Бушава азбука”, драмите ,,Диво месо”, ,,Тетовирани души”, ,,Дупло дно”, ,,Лет во место”, ,,Црна дупка” и многу други безвременски дела остануваат да сведочат за неговото творештво. Тој исто така беше автор на дел од албумите на легендарниот рок состав ,,Леб и сол” чиј фронтмен беше неговиот брат, познатиот гитарист Влатко Стефановски. Беше добитник на голем број на награди и признанија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости