Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска ги огласи за виновни обвинетите во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. На обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска им беше изречена казна затвор од по 18 години, додека на обвинетиот Андреј Костовски 16 години за сторено кривично дело „убиство“.
Обвинетите се задолжуваат да платат судски паушал, секој од нив поединечно износ од по 20.000 денари, и солидарно да ги надоместат трошоците на кривичната постапка, во износ од 320.150 денари, плус трошоците за денешниот спровод, беше кажано во судницата денес. Исто така, законскиот застапник на покојниот Денис Тот, неговиот татко Игор, побарал судот да ги задолжи обвинетите солидарно на секој од оштетените за смртта на нивниот син, односно брат, да им платат износ од по девет милиони денари (околу 146.000 евра).
Во поткрепа на барањето, биле изведени докази, вешти наоди и мислење од психијатар Невенка Чадиковска, за оштетни Иор Тот, Татјана Тот и Борис Тот. Според наодите, смртта на синот, односно братот претставува интензивна психичка траума, особено стресен животен настан со продолжена реакција и душевно трпење до денес.
Според скала за интензивност на стрес, смртта на дете спаѓа на прво место, а смртта на близок член на семејството на четврто место-беше кажано денес во судницата, по изрекувањето на пресудите. Обвинетите и нивни роднини негодуваа поради високите казни.
Вики Клинчарова