Семејството на починатата Теодора моли за правда: Медиумите утре да дојдат во тетовскиот суд и да ни помогнат во борбата против неправдите!

by Fokus

До редакцијата на ,,Фокус” пристигна отворено писмо, односно јавен апел за правда, од страна на Ева, сестра на Теодора Ристовска, која пред околу три години го загубила животот во сообраќајна несреќа.

Како што појаснува таа, обвинетиот за сообраќајката која резултирала со смртни последици за нејзината сестра првично бил осуден на затворска казна од три години и шест месеци, за да потоа, откако тој се жалел, истата била намалена на две години затвор.
Но, до денес осудениот не поминал ниту еден ден во затвор, бидејќи поднел барање за преиспитување на пресудата.
Ева ги кани сите медиуми од земјава да присуствуваат на следното рочиште кое ќе се одржи утре, на четврти март во десет часот во Основен суд Тетово, за да посведочат на нивната голгота, но и да придонесат семејството да се избори за правда за Теодора.

- Advertisements -

Во прилог, отвореното писмо од сестрата на Теодора Ристовска:

Тетово, 1 март 2025 година – Јас сум Ева Ристовска, сестра на Теодора Ристовска, која на 15 Септември 2022 година трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа. Го пишувам ова со тешко срце, но и со огромна одлучност да се избориме за правдата што ни е неправедно одземена.

НЕПРАВДАТА ВО СУДСКИОТ ПРОЦЕС

Според обдукцискиот наод, мојата сестра се здобила со тешки телесни повреди, а нејзината смрт настанала како резултат на крварење во черепната празнина, што довело до нарушување на витално важен орган и фатален исход. Ова беше признато од страна на судот, а обвинетиот беше осуден на 3 години и 6 месеци затвор од Основниот суд во Тетово.

Иако ниедна казна не може да ја надомести загубата на Теодора, барем сметавме дека оваа пресуда беше праведна. По првичната долга пауза помеѓу првото и второто рочиште Судот почна побрзо да ги закажува рочиштата, спротивставувајќи се на обидите на одбраната да ја одолговлекува постапката. Обвинетиот од почеток тврдеше дека не се чувствува виновен, а неговата одбрана најави вештачење за да ја докаже неговата невиност. Но, откако судот ги изведе сите докази, одбраната го повлече барањето за вештачење и се изјасни дека обвинетиот го признава делото.

Сепак, тука започнува неправдата што денес не остава без одговори.

ДАТУМИ НА СУДСКИТЕ РОЧИШТА И НЕОБЈАСНИВОТО ОДОЛГОВЛЕКУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ
• Прво рочиште: 07 јули 2023
• Второ рочиште: 08 ноември 2023 (по 4 месеци пауза!)
• Трето рочиште: 10 ноември 2023
• Четврто рочиште: 27 ноември 2023
• Објава на пресудата: 30 ноември 2023
Судскиот процес се одвиваше со големи временски празнини, особено помеѓу првото и второто рочиште, што укажува на сериозни одолговлекувања во судската постапка.

АПЕЛАЦИОНИОТ СУД И НЕОБЈАСНИВИТЕ ОДЛУКИ НА ВИШОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

Обвинетиот поднесе жалба до Апелациониот суд во Гостивар, а ние, како семејство како и нашиот адвокат, не бевме воопшто известени за оваа постапка.

Вишото јавно обвинителство во почетокот поднесе писмен предлог до Апелациониот суд со кој бараше жалбата на обвинетиот да биде одбиена како неоснована.
Но, пред самото судење во Апелациониот суд, обвинителството го смени својот став и наместо да се залага за одржување на првичната казна, предложи делумно уважување на жалбата на обвинетиот и изрекување на поблага казна.
Како резултат на ова, Апелациониот суд ја намали казната од 3 години и 6 месеци на 2 години затвор, повикувајќи се на „олеснителни околности“.

ПРАШАЊАТА НА КОИ САКАМЕ ОДГОВОР:

● Зошто Вишото јавно обвинителство го смени својот став и наместо да бара потврда на првостепената пресуда, предложи намалување на казната?

● Зошто ние, како семејство, не бевме известени за судењето во Апелациониот суд?

● Зошто обвинителството воопшто не поднесе жалба за висината на казната, туку само обвинетиот имаше право на жалба?

● Дали во текот на процесот имало обид за поткуп?

Обвинетиот до ден-денес не отслужил ниту еден ден од казната, иако несреќата се случи пред речиси три години. Тој поднесе барање за преиспитување на пресудата пред Врховниот суд на Северна Македонија, кој одлучи да ги укине пресудите на Основниот и Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење.
За оваа одлука ние, како семејство, не бевме известени од ниту една институција – дознавме преку медиумите.

БАРАМЕ ПРАВДА И ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ПРОЦЕСОТ

По речиси три години правна борба, а со тоа и пролонгирање и нанесување на дополнителна болка на нашето семејство, повторно сме вратени на почеток. Се прашуваме – уште колку треба да чекаме? Уште колку треба да се бориме за нешто што е очигледно?
Затоа, јавно ги повикувам сите медиуми да присуствуваат на следното рочиште на 4 март 2025 година во 10:00 часот во Основен суд Тетово за да ни помогнат да се избориме со неправдата.

ИМИЊА НА СИТЕ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ ВО ШТО ГО ВОДЕЛЕ СЛУЧАЈОТ:

Основен суд Тетово

Судија Верка Костоска
Обвинител Ханифе Амети
Аплеационен суд
Совет
од судии Шефајет Хајдари – претседател, Даут Рустеми и Емине Мурати
Виш Јавен Обвинител – Вјолца Елмази
Врховен суд
Цветанка Периќ
Џемали Саити,
Африм Фидани,
Мирјана Лазарова Трајковска

„Само со јавен притисок можеме да смениме нешто во оваа неправедна Македонија.“

Со почит,
Ева Ристовска
Сестра на Теодора Ристовска

Поврзани новости