Неврохирургот проф. д-р Јовица Угриновски почина на 77 години по тешко боледување, објави денес приватната клиника „Неуромедика“, чиј основач и претседател на Управниот одбор беше докторот со кого се простува македонската јавност. Стотици пораки со сочувство на социјалните мрежи, но и изрази на благодарност од оние на кои докторот им помогнал додека воделе тешки битки за своето здравје и живот.
Една од пораките за последно збогум доаѓа од семејството Домазетовски, за чиј случај „Фокус“ пишуваше пред повеќе години. Давид Домазетовски од Битола, во декември 2014 година ургентно беше хоспитализиран по дијагноза на тумор на мозокот со големина на јајце, а приказната допре до целата јавност.
И покрај високиот ризик од интервенцијата, проф. д-р Угриновски, успешно го отстрани туморот, а детето кое тогаш имаше пет ипол години, по 45 дена минати на апарати, се разбуди.
-Еден човек преку чии раце Бог направи чудо и го спаси син ми Давид, а со тоа и цело семејство, повеќе не е со нас живите. Навистина болката е голема, посебно за оние кои го познаваа и знаат дека таков Човек се раѓа еднаш на 100 години. Малку се зборови кои би ја опишале нашата благодарност кон Вас. Медиумите можат да пишуваат што сакаат. Знам само дека Македонија изгуби прекрасна личност како прво, и вистински професионалец, ненадминлив на нашите простори. Нека Бог ви ги прости сите гревови и прегрешенија и да ве стави на најубаво место во Царството Небесно Докторе и Професоре Јовица Угриновски-објави семејството Домазетовски на социјалните мрежи.
Како потсетување, „Фокус“ пишуваше за Давид пред четири години, кога тој по извојуваната битка за живот, и покрај сите препреки, учествуваше на пливачки митинг во Штип, успешно ја заврши трката и постави свој личен рекорд. Тогаш неговата мајка Ана ни изјави дека Давид по две интервенции, 45 дена на апарати, а потоа уште седум месеци хоспитализација, израснал во среќно дете.
И професорот д-р Угриновски раскажа за битката за животот на Давид и за тоа како тој бил решен да даде се од себе и да го спаси момчето.
-Ако следиме медицински правила, Давид не требаше да се оперира. Тоа е како да оперираш мртов човек. Но мојот инстинкт и искуството ми даде за право и покрај тоа што шансите за преживување беа еднакви на нула, да влезам во операциона сала и да оперирам. Што беше пресудно? Пресудното беше брзината на интервенцијата. Фактот дека ситуацијата се влоши во 2 часот наутро, а ние влеговме во сала во 3 часот наутро, само еден час по случката, што ми будеше надеж дека ќе го излечам. Операцијата траеше околу 4 часа, се извади целиот тумор и почна голготата која траеше со месеци. Да се ослободи од машината, да почне сам да дише, да добие движење на рацете и нозете. Вклучени беа сите екипи, првенствено анестезиолозите, физикална терапија – објасни тогаш професорот д-р Угриновски.
Додека траеше лекувањето на Давид, се организираа повеќе хуманитарни настани, со цел да се собере финансиска помош за семејството, а Болницата „Аџибадем Систина“ ги покри трошоците за болничкиот престој, но и за зрачниот третман Trilogy.
-45 дена беше на апарати, секој ден го чекавме да се разбуди. Бевме големи оптимисти и веруваме, имавме голема надеж и верба. Бевме со мисла дека сè е тоа нормално. Секое утро доаѓавме во 8 часот тука, влегуваме позитивни и насмеани. Постојано му зборевме, му пеевме, му пуштавме музика. Целиот персонал беше насмеан и наклонет кон него. Имаше атмосфера како ништо да не се случува. Имавме дозвола од професорот постојано да бидеме покрај него, постојано да му зборуваме и да го храбриме. Едноставно да нè чувствува. Професорот Угриновски доаѓаше секој ден по неколку пати за да го види и чекаше дали тој ќе закашла. Еден ден додека разговаравме со него, Давид се закашла. Професорот кога го чу тоа само силно извика „браво“ и беше многу среќен. Тоа беше моментот кој го чекавме. Давид надмина сè – раскажуваше мајката по извојуваната битка.
Вики Клинчарова