Семејството на киднапираниот Самоил со порака до киднаперите

by Fokus

Каде и да е Самоил, што и да се случило, ве молиме ослободете го. Пуштете го да си дојде дома, ние дење и ноќе сме будни, го чекаме да се врати – со овие зборови, во име на целото семејство, им се обраќа на киднаперите Виолета Бошкоска, тетка на киднапираниот Самоил Костадиновски, од кого нема никаква трага дванаесет дена.

За „Фокус” Бошкоска вели дека целото семејство живее во агонија. И мајката на Самоил, која живеела во Бугарија, по настанот се вратила во Македонија и на сите им преостанувало да чекаат и да се надеваат дека тој жив и здрав ќе се врати.

-Многу боли кога знаеш дека некој од твоите го нема, а ти си немоќен! Постојано плачам, дење и ноќе сме будни, чекаме да се појави на вратата, да дојде… Денес ангажиравме адвокат да влезе во списите, да види што се случува, така да сме барем во контакт со истрагата. Но сепак, сметам дека се направија големи пропусти во истрагата, се дозволи киднаперите да го запалат автомобилот – вели Бошкоска.

И сопругата на 26-годишниот Самоил, Орхидеја, вчера излезе пред камери да апелира за помош во неговото пронаоѓање.

Кажа дека имало шпекулации дека имал проблем, но тие дома ништо не знаеле. Живеел здрав живот, не пиел алкохол, не користел наркотици.

Околу тоа дека бил киднапиран, потврди Обвинителството, кое води постапка против двајца за кривично дело грабнување. Со одлука на Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, на двајцата осомничени им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Бошкоска вели дека таа не ги знаела, но Самоил ги познавал двете осомничени лица кои сега се во притвор.

Сивиот опел во кој киднаперите го возеле момчето, е запален и целосно изгорен. Што се случило со него, се уште не се знае.

Вики Клинчарова

Поврзани новости