Семејството на Канго ќе ги пречека неговите почитувачи кај Дабот: Излет наместо играорни и рок групи во спомен на музичарот

by fokus

Културниот настан ,,Мактеон’’, кој со години наназад го организираше рокерот и поет Симеон Иванов – Канго, годинава нема да се случи, но сепак негови почитувачи решиле да го одбележат на скромен начин. Во недела, на шести мај, семејството на Канго и иницијативниот одбор ги канат сите негови пријатели на местото викано Дабот, во селото Бели, да дојдат во 10:00 часот, да се одбележи ,,Мактеон’’. Таму, сите ќе биле организирано дочекани од неговата фамилија.

-Програмата која беше објавена нема да се организира. Да потсетам, бевме најавиле играорни групи и рок хепенинг за во сабота и голем народен собор во неделата со богата програма. Оваа година одлучивме да биде без тие работи. Во недела, на скромен начин само ќе се одбележи, ќе има поетско читање, без подготовка на храна и останатите содржини. Секој кој сака може слободно да си понесе храна или пијалоци. За натамошен некој поголем настан, јавноста ќе биде известена навремено – ни изјави Ненад Стојанов од иницијативниот одбор кој се залага за продолжување на делото на Канго и зачувување на споменот на музичарот кој почина во март годинава.

Канго беше организатор на културното движење ,,Мактеон’’, кое ги промовираше македонската култура, нација и јазик, и на рок хепенингот ,,Орфејски мистерии’’, кој се одржуваше повеќе од две децении во Кочани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости