Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска изјави дека по извршениот увид од страна на стручниот тим од Центарот за социјални работи утврдено е дека семејството на деветмесечното бебе кое вчера почина од туберкулоза живее во добри услови и дека тие не се корисници на социјална помош или детска заштита.
Тренчевска информираше дека Народниот правобранител отворил случај и посочи дека наодите, мислењето и записникот којшто е направен од Центарот за социјални работи ќе му биде доставен на Омбудсманот, па согласно надлежностите ќе се води постапката.
„Центарот за социјални работи, односно стручниот тим веднаш по излегувањето на информациите во јавноста направи увид во состојбата на семејството во рамки на надлежноста на Центарот, односно во рамки на надлежноста на МТСП. Она што е утврдено од увидот на лице место е дека семејството живее во добри услови, хигиената е на завидно ниво, како семејство не се корисници ниту на едно право од социјална и детска заштита. Единствено додека живееле во Скопје, бидејќи мајката е од Шуто Оризари, биле корисници на надомест за трето дете. Во разговорите со едниот родител, таткото, бидејќи мајката беше во болница со најмалото дете, е утврдено дека и тој и мајката се грижливи“ – рече Тренчевска.
Министерката посочи дека нивна обврска е сега да работат со семејството, со училиштето и со фирмата каде што работи таткото.