Спасени се пет лица кои од саботата попладне беа заробени во словенечката Крижна јама. Медицинскиот персонал го проверува нивното здравје. Извлекувањето на затрупаните во пештерата го извршиле припадници на Службата за спасување на пештерите и единицата за техничко нуркање како дел од Единицата за брза интервенција, јавува 24ur.com.
Евакуацијата започна околу 14 часот, како што соопшти претходно командантoт на словенечката цивилна заштита, Сречко Шестан. Тричлено семејство и двајца водичи останаа заробени од саботата поради високиот водостој на околу 2,4 километри од влезот во пештерата. Според Шестан, водата што го предизвикала високиот водостој дошла од правец на Хрватска, што го изненадило инаку искусниот водич на пештерите.
„Кога се враќале од пештерата, виделе дека е делумно поплавена, поради што се повлекле на безбедно“, рече Шестан.
Акцијата за спасување започна во саботата попладне, а неколку тимови нуркачи стигнаа до заробените лица во последните два дена и им обезбедија се што им треба.
Тричлено семејство со возрасно дете и двајца водичи тргна во сабота во 8 часот на комерцијална обиколка на Крижна Јама како дел од Здружението на љубители на Крижна Јама. Бидејќи не ја напуштиле пештерата во закажаното време – 15 часот, дежурниот од здружението се симнал во неа и видел дека водата е надојдена, па во 17 часот започнал спасувачка акција.