Разрешување на Јовевски побараа семејствата на загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово

by Fokus

Претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово денеска во Скопје одржаа протестен марш поради незадоволство од работата и постапките на Обвинителството. Протестниот марш почна од пред плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство, каде ги залепија транспарентите.

Тие побараа разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовевски со другите обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, за кои сметаат дека се инволвирани во прикривање на делото. Побараа и отворање на судска постапка за причините на пожарот и повторно постапување и преиспитување на пресудата од судот во Тетово.

-Тие, денес, не се меѓу нас само заради тоа што не се почитуваа градежни стандарди.  Животот на граѓаните во оваа држава е заложник за пазарење и тендери без критериуми и материјална корист, но се докажа дека корупцијата убива во оваа држава. Сите зборуваат за интеграција во ЕУ и владеење на правдата, но во оваа држава не се почитува најсветото човечкиот живот.  Од оваа зграда не видовме ниту П од правда. Токму од оваа зграда се уништува перспективата и надежта за достоинствен живот во оваа земја, изјави  Мумин Исмаили, роднина на еден од починатите и додаде дека ако не се земат предвид нивните барања, ќе ја сменат формата на мирните протести.

Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.

На 5 јуни годинава  условна осуда добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност, а болницата во Тетово  беше прогласена за виновна за делото предизвикување општа опасност. Судот одлучи да ги ослободи докторот Бобан Вучевски и болницата за делото непостапување по здравствени прописи.

фото:МИА

 

Поврзани новости