Семејствата на 14-те луѓе кои ги загубија животите во пожарот во модуларната болница во Тетово за денеска најавија дека ќе продолжат со јавните протести поради незадоволство од работата и постапките на Обвинителството.
По минатонеделниот протест и марш во Тетово, денеска најавуваат протест и во Скопје.
Маршот ќе започне од 14 часот од плоштадот „Скендербег“ во Скопје и ќе заврши пред Јавното обвинителство, велат организаторите.
На 5 јуни годинава заврши судскиот процес за кривичните дела поврзани со пожарот во модуларната болница Тетово. Условна осуда добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека, правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.
Судот одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Вечерта на 8 септември 2021 година во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. Потврдена беше смртта на 14 лица кои биле директни жртви на огнената стихија.
Најмалку 12 лица беа повредени.